Магла и влажни коловози утринава – внимателно на патиштата низ Македонија

ФОТО: Општина Делчево

Според најновите информации од Авто-мото сојуз на Македонија, сообраќајот низ државата утринава се одвива без поголеми застои, но возачите треба да бидат особено внимателни поради намалена видливост и влажни коловози.

Поради густа магла, видливоста е намалена до 100 метри на патните правци кон Свети Николе, Сарамзалино и Велес, што може значително да ја отежне утринската вожба.

На останатите државни патишта сообраќајот се одвива непречено, но по наместа влажни коловози, па се препорачува прилагодена брзина и поголемо растојание меѓу возилата.

Задолжителната зимска опрема и понатаму останува на сила за сите возила и ќе важи до 15 март, без оглед на временските услови.

На граничните премини засега нема подолги задржувања за патнички возила и автобуси.

Дополнителна претпазливост се препорачува на делниците низ клисури и котлини каде има опасност од одрони, особено на правците Катланово–Велес, Маврово–Дебар–Струга, Виница–Берово и Кочани–Делчево.

Воедно, патниот правец Охрид–Ресен преку националниот парк Галичица останува затворен за сообраќај до 31 март.

Повеќе делници низ државата се под времен режим на сообраќај поради градежни активности и рехабилитација, па возачите треба да ја следат поставената сигнализација и упатствата од надлежните служби.

Сподели ја оваа објава