Влажни патишта и градилишта – еве каде денес да возите внимателно

ФОТО: Општина Делчево
Авто мото сојуз на Македонија (АМСМ) утринава информира дека сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, без поголеми застои и прекини.

Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини засега нема подолги задржувања за влез или излез од земјата.

Од 15 ноември во сила е законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без разлика на временските услови. Оваа мерка ќе важи до 15 март.

АМСМ апелира на внимателно возење и прилагодена брзина, особено на патиштата низ клисури, долини и планински превои. Како покритични се посочуваат делниците:

  • Катланово – Велес
  • Маврово – Дебар – Струга
  • Виница – Берово
  • Кочани – Делчево

Патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица останува целосно затворен за сите возила до 31 март поради сезонски зимски режим.

Повеќе делници се под времен режим на сообраќај:

  • Прилеп – Битола: сообраќајот пренасочен по регионален пат (Коридор 10Д)
  • Скопска обиколница (А2): затворена левата лента, возење по средна и десна
  • Крива Паланка – Страцин: рачна регулација преку ден, семафори ноќе
  • Косоврасти – Мелнички Мост: санација на свлечиште
  • Гостивар – Стража (мост Здуње): наизменично пропуштање со семафор

Надлежните препорачуваат почитување на сигнализацијата и дополнителна претпазливост на местата каде има градежна механизација.

Сподели ја оваа објава