Во Скопје во недела, 10 мај, во периодот од 8 до 11:30 часот, ќе се одржи улична трка на 10 километри, во организација на Сојузот на спортови на Скопје, поради што ќе биде воведен посебен режим на сообраќај на дел од градските улици и булевари.
Стартот на трката е предвиден на булеварот „Илинден“, пред фонтаната Лотос, а учесниците ќе се движат по булеварот до крстосницата со улицата „Никола Парапунов“. Потоа трасата продолжува по улицата „Никола Парапунов“ до крстосницата со булеварот „Партизански одреди“, по што натпреварувачите ќе се движат десно до мостот Влајко, каде ќе свртат полукружно.
Оттаму, трката продолжува назад по истиот коловоз до крстосницата со улицата „Љубљанска“, каде повторно ќе се врти полукружно, а потоа учесниците ќе се вратат по истата траса по улицата „Никола Парапунов“ и булеварот „Илинден“ до целта, која исто така е пред фонтаната Лотос.
Од МВР информираат дека Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен сообраќаен режим, а сообраќајот ќе биде пренасочуван по околните сообраќајници.
Од полицијата апелираат граѓаните да ги почитуваат наредбите што ќе ги даваат полициските службеници на местата каде што ќе се одвива настанот.


