Германскиот производител на автомобили Audi планира една од најзначајните моделски офанзиви во последните години. Во текот на 2026 година, компанијата ќе претстави неколку нови модели на пазарот.
Според информациите од порталот “Motor1”, Audi планира три големи претставувања во следната година. Меѓу нив се новата генерација на SUV моделот Q7, сосема новиот луксузен Q9 и електричниот A2 e-tron, со кој ќе се врати на едно од своите најнеобични и иновативни имиња од минатото. Компанијата се обидува да одговори на сè поголемата конкуренција од BMW, Mercedes и кинеските производители на електрични возила, додека истовремено ја прилагодува стратегијата за побавен премин кон целосно електрични автомобили.
Најголемо внимание привлекува новиот Audi Q9, луксузен SUV кој ќе се позиционира над моделот Q7 и ќе стане најголемиот теренец во историјата на марката. Audi наведува дека Q9 е специјално развиен за потребите на американскиот пазар, каде купувачите сè повеќе бараат големи луксузни SUV модели со три реда седишта. Иако техничките детали сè уште не се официјално потврдени, се очекува понуда на бензински и хибридни мотори, додека спортската верзија SQ9 би можела да добие моќен V8 агрегат со електрификација.
Покрај Q9, Audi подготвува и нова генерација на моделот Q7, еден од своите најпродавани SUV возила. Новиот Q7 ќе добие целосно освежен дизајн, модернизирана внатрешност со напредни дигитални системи и широка понуда на мотори, вклучувајќи и plug-in хибриди. Очекувањето е и враќањето на спортската верзија SQ7, која би можела да користи хибридизиран V8 мотор за да ги задоволи строги европски норми за емисија на штетни гасови.
Посебно внимание привлекува и враќањето на моделот A2, но сега во целосно електрична верзија под името A2 e-tron. Оригиналниот Audi A2 се произведуваше од 1999. до 2005. година и остана запаметен како еден од најнеобичните автомобили на своето време поради лесната алуминиумска конструкција и многу ниската потрошувачка на гориво. Новата електрична верзија ќе ја задржи препознатливата висока и компактна силуета, но со модерен дизајн и напредна LED осветлување.
Audi најавува фокус на “висока ефикасност”, градска практичност и дигитална поврзаност. Според медиумските извештаи, A2 e-tron веројатно ќе користи Volkswagen-овата MEB платформа, која ја дели со модели како ID.3.
Паралелно, Audi продолжува со проширувањето на електричната гама, а во текот на 2026 година се очекува и освежениот Q4 e-tron со подобрени батерии и поголем домет. Компанијата подготвува и нови RS модели со високи перформанси, меѓу кои се истакнува новиот RS5 plug-in хибрид со дури 630 коњски сили.
Audi претходно најави дека во следните години ќе претстави повеќе од 20 нови модели, што претставува еден од најамбициозните планови за развој во историјата на компанијата.
По слабите продажни резултати и падот на испораките на клучните пазари како Кина и Северна Америка, Audi се обидува да ја редефинира својата стратегија комбинирајќи класични мотори, хибриди и електрични возила. Компанијата исто така се откажа од претходниот план за целосен премин на електрични возила до почетокот на следната деценија, признавајќи дека пазарот на електрични автомобили расте побавно од очекуваното. Во исто време, Audi се обидува да ја модернизира својата понуда и да го задржи премиум идентитетот во момент кога кинеските производители сè повеќе ја загрозуваат европската луксузна индустрија.



