Под влијание на изразена циклонска активност, во текот на ноќта и утрешниот ден се очекуваат врнежи од дожд на поголем дел од територијата, при што на одделни места тие ќе бидат пообилни и ќе надминат 30 литри на квадратен метар. Локално се можни и ретки грмежи, додека на планинските подрачја врнежите ќе бидат од снег, информираат од Управа за хидрометеоролошки работи.
Утринските минимални температури ќе се движат од околу 3 степени во Маврово до 9 степени во Гевгелија, додека дневните максимални ќе бидат од 5 степени во планинските места до околу 11 степени на југот од земјата.
Во Скопје, врнежите од дожд ќе започнат уште од утринските часови, а попладне и во текот на ноќта ќе се засилат. Ќе дува слаб до умерен југоисточен ветер, а температурата ќе се движи меѓу 6 и 10 степени.
Во вторник претпладне, слаби врнежи ќе има претежно во источните делови, каде во пониските места ќе врне дожд, а на повисоките предели и планините дожд и снег. Во текот на попладнето се очекува привремена стабилизација на времето.
Кон крајот на среда, како и во четврток, повторно се најавуваат локални врнежи од дожд, додека на планините повторно ќе има снежни врнежи.
Минималните температури во вторник ќе се движат од 2 до 7 степени, а дневните максимални ќе бидат меѓу 5 и 12 Целзиусови степени.


