Надворешната канцеларија за криминалистички работи Пробиштип поднесе кривични пријави против пет лица поради злоупотреби поврзани со незаконска сеча на дрвна маса на подрачјето на пробиштипско.
Пријави се поднесени против Љ.М. (63) од Злетово и Д.И. (49) од село Калниште за продолжено кривично дело „несовесно работење во службата“, против Ј.К. (70) и Д.К. (61) за „употреба на исправа со невистинита содржина“, како и против Б.М. (55) од Кочани за „поттикнување“ и „помагање“.
Според истрагата, на 4 февруари 2025 година биле поднесени барања за сеча на тополи на приватни парцели во атарот на село Лезово, иако тие биле ниви без дрвна маса.
Службено лице извршило увид и изготвило записник со лажни податоци дека на терен има дрва за сечење, по што биле издадени одобренија.
Потоа биле организирани сечи на тополи на државно земјиште, а без проверка на фактичката состојба биле изготвени документи за прием и транспорт на дрвната маса.
Дел од дрвото завршило на продажба во фирма во Кавадарци, а дел – како наводно оревово дрво – бил бесправно исечен и однесен во фирма во охридско.
Во еден од случаите бил фалсификуван потпис на барателот на приемниците за да се прикрие незаконската постапка.
Со ваквите дејствија биле бесправно исечени 53,81 кубни метри дрвна маса, при што е предизвикана штета на државниот буџет од 780.245 денари.



