Сообраќајот на државните патишта во Македонија утрово се одвива непречено и без поголеми проблеми, информираат надлежните служби. Сите патни правци се проодни и безбедни за сообраќај, но поради врнежи од снег, возачите се повикуваат на зголемена внимателност.
Екипите на ЈП Македонија пат се целосно ангажирани на терен, со обезбедена механизација и работна сила, и во континуитет се врши расчистување на снегот. Во координација со ЈП за државни патишта и Министерството за транспорт, се спроведуваат активности со цел да се обезбеди безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Од надлежните институции апелираат на внимателно и совесно управување со возилата, задолжително користење на зимска опрема, почитување на сообраќајната сигнализација и прилагодување на брзината според условите на патот.
Слаб снег моментално провејува на правците Струмица – Крушево и планинскиот превој Ѓавато, но без задржување на коловозот.
Од АМСМ информираат дека интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Возачите се предупредуваат на можност од одрони, особено на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Потсетување дека од 15 ноември 2025 година е во сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема, која ќе важи до 15 март 2026 година.
Во меѓувреме, на сила останува и сезонската забрана за сообраќај на патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица, која ќе трае до 31 март 2026 година.
Покрај тоа, на повеќе патни правци низ државата сè уште се изведуваат градежни работи со времен режим на сообраќај, поради што се препорачува навремено информирање пред патување.



