Рано утринава непознат сторител се обидел да предизвика пожар во семејна куќа во скопската населба Ѓорче Петров, откако фрлил запаливи предмети кон домот, со што била создадена сериозна опасност по безбедноста на жителите.
Како што информира СВР Скопје, на 31 јануари во 03:22 часот, 49-годишна жена пријавила дека непознато лице кон нивната куќа фрлило две стаклени шишиња исполнети со непозната течност, кои претходно биле запалени.
Едното шише паднало во дворот, во близина на паркирано товарно возило, додека другото завршило на терасата од куќата, при што избувнал пожар. За среќа, огнот бил навреме изгаснат од членовите на семејството, со што била спречена поголема материјална штета и можна трагедија.
Во инцидентот нема повредени лица. Полицијата извршила увид на местото и презема мерки за идентификација и пронаоѓање на сторителот.
Истражните органи работат на целосно расчистување на случајот и утврдување на мотивите за нападот.



