Toyota повторно на врвот според Consumer Reports, Tesla со најголем скок, Mazda бележи пад

Американската организација Consumer Reports и годинава ги објави резултатите од своето истражување за квалитетот и доверливоста на автомобилските марки, а на врвот на листата повторно се најде Toyota. Зад неа се Subaru и Lexus, додека првите пет ги комплетираат Honda и BMW.

Истражувањето се темели на податоци добиени од анкета што опфаќа околу 380.000 сопственици на возила, што на анализата ѝ дава сериозна тежина и релевантност.

Едно од најголемите изненадувања оваа година е Tesla, која направила значителен напредок и се искачила за осум позиции, завршувајќи на деветтото место. Сепак, тоа не значи дека сите проблеми на брендот се минато. Според извештајот, Cybertruck и натаму е под просекот, но вкупниот напредок покажува дека компанијата почнува поуспешно да се справува со забелешките поврзани со изработката и хардверот.

Од друга страна, Mazda е меѓу брендовите што бележат најизразен пад. Марката се спуштила за осум места и сега се наоѓа на 14-тата позиција. Како причина се наведуваат посложените модели CX-70 и CX-90, особено во plug-in hybrid изведбите, кај кои се забележани повеќе проблеми.

Оценката на Consumer Reports укажува и на поширок тренд во автоиндустријата. Кога производителите истовремено воведуваат нови платформи, нови погонски решенија и нови технологии, ризикот од почести дефекти станува поголем. Во тој контекст, хибридните возила и понатаму се покажуваат како посигурен избор за возачите кои сакаат подобра економичност, а сè уште не се подготвени целосно да преминат на електрични модели.

Во извештајот се наведува и дека електричните возила и plug-in хибридите и натаму се меѓу моделите со најслаба доверливост, особено кога станува збор за целосно нови или значително редизајнирани возила.

Рангирање на марки според Consumer Reports:

  1. Toyota – 66
  2. Subaru – 63
  3. Lexus – 60
  4. Honda – 59
  5. BMW – 58
  6. Nissan – 57
  7. Acura – 54
  8. Buick – 51
  9. Tesla – 50
  10. Kia – 49
  11. Ford – 48
  12. Hyundai – 48
  13. Audi – 44
  14. Mazda – 43
  15. Volvo – 42
  16. Volkswagen – 42
  17. Chevrolet – 42
  18. Cadillac – 41
  19. Mercedes-Benz – 41
  20. Lincoln – 40
  21. Genesis – 33
  22. Chrysler – 31
  23. GMC – 31
  24. Jeep – 28
  25. Ram – 26
  26. Rivian – 24

▶ Случајно видео

Сподели ја оваа објава