Проблемот со бездомните кучиња во Карпош повторно се најде во фокусот на јавноста откако се појави снимка на која глутница брка човек. Од Независни за Карпош предупредуваат дека ситуацијата ескалира и бараат итно преземање конкретни мерки.
Од таму предлагаат формирање кризен штаб во кој би биле вклучени претставници од општината, Град Скопје, МВР, Агенцијата за храна и ветеринарство, ЈП „Лајка“, како и ветеринари. Според нив, неопходна е координирана акција на повеќе институции за трајно решение на проблемот.
Во соопштението се наведува дека треба да се проверат камерите од системот „сејф сити“ за случаи кога, според пријави на граѓани, во општината биле истоварувани групи кучиња, како и да се утврди одговорноста на лицата кои стојат зад тоа. Се бара и воведување постојани контроли на влезовите и излезите од Карпош со цел да се спречи нов транспорт на бездомни животни.
Независни за Карпош посочуваат дека само во реонот околу Сити Мол и кејот има повеќе од триесет кучиња, а во изминатиот период биле регистрирани и неколку напади врз граѓани. Дополнително, велат дека родителите се сè позагрижени за безбедноста на своите деца.
Од таму оценуваат дека општината досега не постапувала соодветно и нагласуваат дека Карпош не може самостојно да се справи со новите глутници, поради што е потребна помош од сите надлежни институции.
Барањето е испратено до градоначалникот на општината, од каде се очекува брза реакција и конкретен план за решавање на проблемот.


