Македонски културен белег во Албанија: Излезе разгледницата „Поздрав од Преспа“

Во Тирана од печат излезе првата македонска разгледница во Албанија, со симболичен наслов „Поздрав од Преспа“, посветена на македонското културно и природно наследство во областа Преспа.

Разгледницата содржи осум внимателно одбрани фотографии кои ја прикажуваат убавината, автентичноста и духот на Преспа во Албанија. Проектот претставува значаен чекор во зачувувањето и промоцијата на македонскиот идентитет, како и во афирмацијата на културното присуство на Македонците во оваа земја.

Автор на разгледницата е Никола Ѓурѓај, претседател на Македонското друштво Илинден во Тирана и уредник на Македонскиот весник „Илинден“. Тиражот е реализиран со финансиска поддршка од семејството Ѓурѓај, како личен и заеднички придонес кон културната мисија.

Разгледницата „Поздрав од Преспа“ ќе биде дистрибуирана низ цела Албанија, со цел да ја доближи македонската културна и историска приказна до пошироката јавност и да ја зацврсти видливоста на македонската заедница.

Овој проект се оценува како вреден симболичен и културен исчекор, кој на едноставен, но моќен начин ја пренесува пораката за постоењето, континуитетот и културната посебност на Македонците во Албанија.

▶ Случајно видео

Сподели ја оваа објава