СМК бара итна и безусловна 24-часовна работа на граничниот премин Џепиште–Требиште

Светски Македонски Конгрес изрази целосна поддршка за воведување 24-часовна работа на граничниот премин Џепиште (Македонија) – Требиште (Албанија), оценувајќи дека станува збор за долгогодишно и оправдано барање на граѓаните од двете страни на границата.

Поддршката доаѓа по денешната средба на министрите за внатрешни работи на Македонија и Албанија, Панче Тошковски и Албана Кочиу, на која беше постигната согласност за:

  • целодневна работа на граничниот премин,
  • склучување договор за Центар за полициска и царинска соработка,
  • воведување заеднички гранични премини по принципот One Stop Shop.

Според СМК, досегашниот ограничен режим на работа на преминот – до 20 часот во лето и до 18 часот во зима – претставувал сериозна пречка за секојдневната комуникација, економска соработка и семејни врски меѓу Македонците од двете страни на границата.

„24-часовната работа на Џепиште–Требиште ќе значи подобра поврзаност, полесен пристап до услуги и дополнително продлабочување на веќе добрата билатерална соработка меѓу Македонија и Албанија“, наведуваат од СМК.

Системот One Stop Shop, кој предвидува една заедничка контрола наместо две одделни, според СМК носи низа придобивки:

  • значително намалување на времето на чекање,
  • побрз проток на луѓе и стока,
  • поефикасна соработка меѓу граничните служби,
  • унапредување на трговијата, транспортот и туризмот,
  • зголемена регионална поврзаност.

Во Македонија веќе функционираат заеднички гранични премини по овој модел, меѓу кои:

  • Долно Блаце – Елез Хан (со Косово),
  • Табановце – Прешево (со Србија).

Дополнително, Македонија има воспоставено четири заеднички контакт центри со соседните држави – на Деве Баир, Ќафасан, Блаце и Табановце – кои служат за размена на информации, рано предупредување и координација во борбата против прекуграничниот криминал.

Светскиот Македонски Конгрес апелира договореното да се спроведе итно и без условувања, нагласувајќи дека граничниот премин Џепиште–Требиште има стратешко, економско и национално значење за Македонците во регионот.

„Границите не треба да бидат бариера, туку мост за соработка“, порачуваат од СМК.

▶ Случајно видео

Сподели ја оваа објава